Лавров - Приближувањето на Украина кон НАТО е опасност за Европа

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека приближувањето на Украина кон НАТО претставува опасност за Европа.

„Самата идеја за украинските напори за членство во НАТО е опасна, не само за украинскиот народ, бидејќи нема единство за ова прашање, туку е опасно и за европската безбедност“, рече денеска Лавров.

Тој оцени дека Западот го користи барањето на Киев за влез во НАТО за да поттикне конфронтација меѓу Русија и Украина.

Претходно, руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ширењето на НАТО кон исток ќе ја принуди Русија да преземе „соодветни“ мерки како одговор. Портпаролот на министерството, Александар Лукашевич, изјави дека евроатлантското свртување на Украина ќе ја попречи соработката меѓу Москва и Киев во повеќе области.

Пред два дена украинскиот парламент изгласа откажување и од неутралноста и ги постави зачленувањето во НАТО и во ЕУ како цел. Русија го оцени тој потег како „непријателски“.