Франција ја засилува безбедноста по трите божиќни напади

Вчерашниот напад во Нант.

Франција денеска ги засили воените патроли, а претседателот Франсоа Оланд повика на смиреност по третиот по ред ден насилни напади во екот на празничната сезона. Властите велат дека напаѓачите се сметаат за психички болни и оти не се поврзани меѓу себе, ниту, пак, има информации за поврзаност со терористички организации. Напаѓач со комбе вчера влета на божиќен панаѓур во градот Нант по што излегол од возилото и се избодел со нож. Со комбето прегазил десетмина луѓе, а еден од нив денеска почина од повредите. Друг напаѓач завчера со автомобил прегази 13 луѓе кои биле на божиќен шопинг во градот Дижон. Напаѓачот извикувал „Алах е голем“ на арапски јазик. Ден претходно, пак, напаѓач, кој исто така извикувал „Алах е голем“ на арапски, избодел тројца полицајци во близина на градот Тур по што бил застрелан.