Лавров - Не ја оддалечуваме Србија од ЕУ

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги отфрли западните обвинувања дека Москва се обидува да ја зголеми зависноста на Србија од Русија и дека ја оддалечува од ЕУ. Тој ова го изјави денеска на заедничка прес-конференција со српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во Москва. Лавров оцени дека обвинувањата за „зголемување на политичкиот и економски притисок врз Србија“ се „неоколонијален говор“.

Германската канцеларка Ангела Меркел претходно ја обвини Русија за мешање во внатрешните работи на европските држави кои се обидуваат да се приближат кон ЕУ и за обид за зголемување на влијанието на Западниот Балкан преку зголемување на зависноста на балканските земји од Русија.

Лавров рече дека со неговиот српски колега разговарале за гасоводот Јужен тек од кој Москва се откажа минатиот месец по судирот со правилата на ЕУ. Лавров вети дека каква била одлука за нова рута за евентуален гасовод ќе ги земе предвид интересите на Србија.