На ЕУ ѝ треба долгорочна стратегија за Русија

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ со долгорочна стратегија за Русија

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск изјави дека на ЕУ ѝ треба стратегија за справување со Русија што ќе трае со години, а не месеци. Тој ова го рече на прес-конференција по завршувањето на самитот на Унијата во Брисел.

Најголемиот предизвик денес е рускиот пристап, не само кон Украина, туку и кон Европската унија. Мора да одиме подалеку од тоа само да реагираме и да се браниме, изјави поранешниот полски премиер Туск. Тој прецизира дека најголем стратегиски проблем на Европската унија не и е Украина, туку Русија.

Туск додаде дека долгорочната стратегија за справување со Русија и со нејзиниот претседател Владимир Путин во врска со решавањето на кризата во Украина треба да биде соодветна и цврста.

Претходно, евролидерите усвоија нови санкции за дополнително казнување на Русија поради анексијата на украинскиот полуостров Крим во април годинава. Со новите мерки се забрануваат сите инвестиции на Крим, како и пловење на европски туристички бродови во тој регион.

Најголемиот предизвик денес е рускиот пристап не само кон Украина туку и кон Европската унија. Мора да одиме подалеку од тоа само да реагираме и да се браниме.
Доналд Туск, претседател на Европскиот совет.

Руското министерство за надворешни работи оцени дека новите санкции биле целосно неприфатливи.

Како и да е, лидерите на Европската унија изразија подготвеност за укинување на санкциите доколку Путин го спроведе мировниот план постигнат со Украина во септември во Минск.

„Ако руските трупи бидат повлечени од Украина и бидат испочитувани сите одредби од договорот во Минск, овие санкции ќе бидат укинати“, изјави британскиот премиер Дејвид Камерон.

Од друга страна, германската канцеларка Ангела Меркел рече дека санкциите би можело да бидат симнати само доколку се сменат причините поради кои тие биле воведени.

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини изјави дека Путин и другите руски раководители мора да направат радикална промена и да бидат покооперативни со останатиот дел од светот.

Во исто време, американскиот претседател Барак Обама го потпиша законот за нови санкции против Русија, но изјави дека засега нема да ги воведува.

Законот за поддршка на слободата на Украина дозволува, но и стриктно не бара помош во оружје за Киев и санкции против рускиот одбранбен и енергетски сектор.

Сегашните санкции, како и падот на цената на нафтата придонесоа за руските економски тешкотии и за паѓањето на вредноста на рубљата.

Претходно, во редовната годишна прес конференција рускиот претседател Владимир Путин го обвини Киев за конфликтот во Украина, додавајќи дека Русија само ги брани нејзините интереси. Според него, Киев спроведувал казнена операција во источна Украина. Од април годинава во борбите меѓу украинските сили и проруските бунтовници загинале над 4 илјади и 700 луѓе.