Порошенко - Примирјето во источна Украина се почитува

Украинскиот претседател Петро Порошенко денеска изјави дека ситуацијата во источна Украина ноќеска била мирна и оти „не бил испукан“ ниту еден куршум. Примирјето првично беше договорено на 5 септември во Минск, но редовно се прекршуваше. Минатата недела се очекуваше средба меѓу претставници од Украина, Русија, проруските сепаратисти и ОБСЕ, но украинскиот преговарач ги обвини бунтовниците за прекршување на примирјето и рече дека е премногу рано за средба. Проруските сепаратисти во Доњецк, пак, денеска соопштија дека украинските сили ноќеска „извршиле артилериски напади од аеродромот во Доњецк“. Шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини од денеска е во дводневна посета на Киев.