Годинава во светот, убиени 66 новинари

Репортери без граници соопштија дека во оваа година во светот биле убиени 66 новинари додека ја извршувале нивната работа. Тоа е за 7 насто помалку од минатата година. Но, како што се наведува, посебно загрижува со какви опасности се соочуваат тие, како на пример обезглавувањето новинари во Сирија. „Ретко кога новинарите биле убивани со такво варварско чувство на пропаганда што го шокира целиот свет“, оценува оваа организација. Во меѓувреме е забележан раст на бројот на киднапирани новинари, 119, од кои 33 во Украина. Најопасна земја за новинарите е Сирија каде што биле убиени 15 новинари. Следуваат палестинските територии, Украина и Ирак.