Париз и Берлин бараат од Киев реформи

Францускиот претседател Франсоа Оланд и германскиот канцелар Ангела Меркел ја повикаа Украина да ги интензивира економските реформи. Од кабинетот на Меркел е соопштено дека двајцата лидери во телефонски разговор го охрабриле украинскиот претседател Петро Порошенко да ги спроведе планираните реформи. „Само на таков начин економијата може да заздрави и да биде добиена ветената меѓународна финансиска помош“, изјави Стефан Зајберт, портпарол на Ангела Меркел. Украинскиот парламент во минатата недела ја усвои владината програма за реформи во која е вклучено реконструкција на даночниот систем, зголемување на цените на струјата и приватизација на државните фирми.