И покрај негодувањата, владата го усвои предлогот за државен испит

Архивска фотографија.

Владата вчера го усвои предлогот за воведување државен испит во високото образование. На вчерашната владина седница биле усвоени пет законски решенија од областа на образованието. Станува збор за нов закон за академија на наставници, нов закон за наставници во основните и средните училишта,измени и дополнувања на Законот за високо образование, нов закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно основно и средно образование, односно за педагошки факултети и предлог закон за обука и испит на директор за основно и средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење. Министерот за образование Абдилаќим Адеми, на денешната прес-конференција, рече дека станува збор за предлози кои ќе бидат предмет на јавна дебата и дискусија, при што сериозно внимание ќе биде посветено на сите конструктивни и издржани забелешки и сугестии, а први со кои ќе се сретнат и ќе разговараат се синдикатите. Во врска со државниот испит, тој рече дека важи она што е досега појаснето.