СБ на ОН поддржува нова мисија на НАТО во Авганистан

Илустрација.

Советот за безбедност на ОН ја поддржа резолуцијата за нова мисија на НАТО во Авганистан за обука и помош на авганистанските сили за безбедност, откако повеќето од војниците на Алијансата ќе ја напуштат земјата на крајот од месецот.

Советот за безбедност вчера едногласно ја усвои резолуцијата, поздравувајќи го договорот помеѓу НАТО и Авганистан да се формира неборбена мисија од 1 јануари. Советот, исто така, ја поздрави подготвеноста на меѓународната заедница да продолжи со поддршка за Авганистан, откако НАТО силите ќе ја напуштат земјата по 13-годишниот воен ангажман.

Околу 12.500 странски војници се подготвуваат да останат во Авганистан во рамки на мисијата за поддршка. Алијансата нема да изведува никакви воени операции, но ќе одговара на нападите.