Медведев - Русите да „не паничат“ за рубљата

Рускиот премиер Дмитриј Медведев ги повика Русите да „не паничат“ и да ги чуваат нивните заштеди во рубљи и покрај големиот пад на руската валута. Во годишното телевизиско интервју објавено денеска, Медведев вели дека западните санкции поради улогата на Русија во конфликтот во источна Украина придонесоа за пад на рубљата за околу 40 отсто во однос на доларот оваа година. Тој, сепак, рече дека санкциите им нанесуваат штета и на европските држави, посочувајќи дека тие загубиле околу 40 милијарди евра како резултат на санкциите. Според проценките на руските експерти, рече тој, Европа ќе изгуби уште 50 милијарди евра наредната година. Како противмерка на западните санкции, Русија забрани увоз на храна од земјите кои ѝ воведоа санкции. Медведев рече дека многу Руси кои во минатото се обложувале против рубљата често губеле пари на долг рок. Тој рече дека владата ќе ги зголеми пензиите и платите за да се надомести загубата од ослабнатата рубља.