Уапсени шверцери на радиоактивен материјал во Молдавија

Илустрација.

Молдавската полиција денеска соопшти дека уапсила седуммина мажи осомничени дека шверцувале радиоактивен материјал од Русија што може да се искористи за изработка на радиоактивна валкана бомба. Полицијата соопшти дека уапсените се обвинети за увоз, складирање и продажба на нуклеарен материјал што може да се искористи за валкана бомба. Од уапсените, во рациите спроведени во Кишињев и во уште два града минатата недела, се одземени 200 грама мешавина од ураниум-238 и ураниум-235, еден килограм жива и неидентификуван цврст радиоактивен материјал. Конфискуваниот материјал, кој наводно во Молдавија бил донесен од Русија со воз, на црниот пазар вреди околу 2 милиони долари. Властите соопштија дека еден полицаец се инфилтрирал во групата вклучена во операцијата за шверц. Истрагата почнала во јануари годинава.