Царинска војна меѓу Русија и Белорусија

Белоруските царински власти продолжуваат да ги проверуваат возилата кои влегуваат од Русија, потег кој е одраз на тензиите меѓу двете земји. Руската царинска управа вчера соопшти дека белоруските цариници ги проверуваат автомобилите и камионите што влегуваат во земјата и ја одземаат непријавената стока. На границата има долги колони возила. Белорусија престана да ги проверува возилата од Русија и од Казахстан во јули 2011 година, како дел од прописите на Царинската унија што ги поврзува овие три постсоветски земји. Русија претходно забрани увоз на млеко и месо од Белорусија. Москва забранува увоз на храна од ЕУ, но дозволува увоз на такви производи од Белорусија и Казахстан, ако се значително преработени.