Турскиот премиер во посета на Грција

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу денеска пристигна во дводневна посета на Грција, поради што во Атина се зајакнати мерките за безбедност и на ограничено време се забранети протести. Во поширокиот центар на Атина е забрането одржување демонстрации, а таа мерка важи до утре до 15 часот, кога турскиот премиер ќе ја заврши посетата. Давутоглу допатува со делегација бизнисмени и девет министри, меѓу кои се министрите за надворешни работи, економија, енергетика, внатрешни работи и царина. Подоцна во текот на денот тој ќе се сретне со грчкиот премиер Андонис Самарас и со претседателот Каролос Папуљас. Предвидена е и средба со Турците кои живеат во Грција и со членови на муслиманската заедница. Давутоглу ќе присуствува и на третиот состанок на Советот за соработка на Грција и Турција. Посетата на турскиот премиер се совпаѓа со утрешната годишнина на убиството на тинејџер во Атина. Убиството, кое пред шест години го изврши полицаец, предизвика масовни протести и нереди.