Ердоган: Младите Турци го знаат Ајнштајн, но не и муслиманските научници

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изрази жалење што турската младина воопшто или многу малку знае за муслиманските научници, а знае сè за западните научници, како Алберт Ајнштајн, на пример, пренесуваат француските медиуми.

„Ако ги запрашате кој бил Ајнштајн секој млад човек знае што да каже. Но, доколку ги запрашате кој е Ибн Сина, повеќето од нив дури не го ни познаваат името“, рече со жалење Ердоган во денешниот говор на форум на професори во Анталија, во јужна Турција.

Авицена или Ибн Сина е средновековен персиски филозоф, писател, лекар и научник, а Алберт Ајнштајн е светски гениј во областа на физиката и лауреат на Нобелова награда за 1921 година.

Ердоган минатиот месец побара од училиштата да ја прифатат политиката што го открива придонесот на исламот во науката и праксата.