Иран конечно избра министер за наука

Мохамад Фархади.

Иранскиот парламент, во кој мнозинство имаат конзервативците, денеска го изгласа новиот министер за наука, откако ги одби претходните два предлога за таа позиција на прореформистичкиот претседател Хасан Рохани. Шефот на иранската Црвена полумесечина Мохамад Фархади беше избран за нов министер со 197 гласови за и 28 против. Министерот за наука е надлежен и за универзитетите и студентите, чии политички активности внимателно се следат од страна на режимот. Фархади беше министер за здравство од 1997 до 2001 година за време на реформистичкиот претседател Мохамад Хатами. Парламентот претходно овој месец гласаше против предлогот Фахрудин Ахмади Данеш Аштани да биде нов министер поради неговите реформистички тенденции. Пред него беше предложен Махмуд Али Ахмадабади, но и тој не беше изгласан во октомври. Иран нема министер за наука од август годинава кога Реза Фараџи Дана беше разрешен поради тоа што им дозволи на студентите и професорите, кои беа исклучени од универзитетите по протестите по спорните претседателски избори во 2009 година, да се вратат на факултетите.