Франција ја суспендира испораката на Мистралите во Русија

Франција соопшти дека ја суспендира испораката на еден воен брод во Русија, со образложение дека Москва не ги исполнила неопходните услови за да го добие бродот. Кабинетот на францускиот претседател Франсоа Оланд денеска соопшти дека суспензијата на испораката на првиот од двата носачи на хеликоптери Мистрал, кои Русија ги нарача од Франција, ќе биде на сила додека не се одлучи поинаку. Испораката на бродот беше одложена, откако Русија нелегално го анектираше Крим од Украина во март годинава и им даде поддршка на проруските сепаратисти кои се борат против владините сили во источна Украина. Во септември, Оланд постави два услови за испорака на Мистралите во Русија: целосно спроведување на договорот за прекин на огнот од 5 септември и политичко решение на конфликтот. Околу 1000 луѓе загинаа во борбите во источна Украина и почетокот на примирјето. Рускиот заменик министер за одбрана Јуриј Борисов рече дека неговата земја во моментов не планира да поднесе тужба против Франција.