Ердоган: Жените и мажите не можат да извршуваат иста работа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Жените и мажите не можат да извршуваат иста работа, бидејќи тоа е во спротивност на закониоте на природата, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Не можете да поставите една мајка која дои, на иста функција и да имате исти очекувања од неа како од мажот, кој нема такви одговорности. Приоритет на жените треба да биде мајчинството, бидејќи тоа е правилниот исламски начин на живот“, истакна Ердоган на конференцијата во Истанбул, посветена на жените и праведноста.

Тој посочи и дека не може да се натераат жените да извршуваат исти работи како мажите, како во некогашните комунистички режими.

„Да ѝ дадете лопата и да ја натерате да работи? Не можете да го направите тоа. Тоа е во спротивност на нејзината деликатна структура“, наведе Ердоган, кој се залага секое турско семејство да има најмалку три деца.

Според податоци на Светска банка, учеството на жените во работната сила на Турција е ниско - 29 проценти, додека во Германија и во САД е 57 отсто. Голем број на жените во Турција се жртви на семејно насилство. Во 2013 година 214 жени биле убиени од нивните партнери.