Протест на вработените во Македонски шуми во Тетово

Илустрација.

Вработените на Јавното претпријатие Македонски шуми подружница Лешница - Тетово денеска со протест во кругот на претпријатието го изразија своето незадоволство од постојаното намалување на платите, намалувањето на коефициентите и укинувањето на хранарина.

Триесетината работници велат дека платите постојани им се намалуваат, но оти тоа станало особено видливо последниот месец откако потпишале нови договори.

„Денеска нè информираа дека нема веќе да има хранарина, а ние претходно не знаевме за тоа. Немаме ниту најосновни услови за теренска работа како униформи и обувки, а на терен одиме со застарено возило“, рече Роберт Златевски кој 15 години работи во Лешница.

Работниците најавија дека со протестот ќе продолжат додека не ги добијат своите права.

Директорот на Јавното претпријатие Македонски шуми Жарко Караџоски во телефонски разговор рече дека не е запознаен со протестот на вработените и посочи дека доколку постоел проблем требало преку синдикални претставници да побараат да разговараат за нивно решавање.