Холандски инспектори ги собираат остатоците од малезискиот авион

Холандските власти соопштија дека работниците во делот од источна Украина кој е под контрола на проруските сепаратисти денеска почнале да ги собираат остатоците од местото на падот на малезискиот патнички авион, четири месеци по соборувањето. Операцијата се изведува под надзор на холандски инспектори и претставници на ОБСЕ. Се очекува операцијата да трае 10 дена. Спроведувањето на истрагата е попречено од борбите меѓу проруските бунтовници и украинските владини сили. Остатоците од авионот прво треба да бидат собрани во близина на местото на падот, од каде што ќе бидат однесени во украинскиот град Харков, па потоа во Холандија. Во несреќата загинаа сите 298 патници и членови на екипажот на летот од Амстердам до Куала Лумпур. Поголемиот дел од жртвите биле Холанѓани.