Понта фаворит во вториот круг претседателски избори во Романија

Виктор Понта и Клаус Јоанис.

Во Романија денеска се одржува втор круг од претседателските избори, а најновите анкети покажуваат дека актуелниот премиер Виктор Понта е во предност пред својот противкандидат, лидерот на десниот центар Клаус Јоанис.

Според резултатите од анкетите 42-годишниот Понта, лидер на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД), има поддршка од 54 отсто од Романците.

Неговиот противник во вториот круг, 55-годишниот Јоанис, претседател на Христијанско-демократската партија, е потомок на германското малцинство и актуелен популарен градоначалник на Сибиу, град во Трансилванија.

Од 14 кандидати, колку што учествуваа во првиот круг на претседателските избори одржани на 2 ноември, Понта освои над 40 отсто од гласовите, додека на Јоанис му припаднаа 30,5 отсто од гласовите. Според аналитичарите, победата на Понта на земјата би ѝ донела политичка стабилност, но би можела да ја загрози независноста на правосудството.