Путин ја напушти Австралија пред завршувањето на Самитот Г20

Рускиот претседател Владимир Путин денеска ја напушти Австралија пред крајот на Самитот на Г20, откако се соочи со жестоки критики од светските лидери поради руската улога во источна Украина. Прекршувајќи го протоколот со тоа што замина пред домаќинот да им ги претстави заклучоците на медиумите, Путин одржа прес-конференција пред одбрана група руски новинари. Тој ја напушти Австралија пред објавувањето на завршното коминике на Г20.

Путин, кој продолжува да негира дека руски војници со тешко вооружување се распоредени во Украина, изјави дека бил неправедно критикуван за настани кои се надвор од негова контрола.

Путин замина од Австралија откако американскиот претседател Барак Обама и лидерите на Австралија и на Јапонија денеска објавија заедничко соопштение во кое се вели дека тие се обединети „против наводната анексија на Крим од страна на Русија и нејзините постапки за дестабилизација на источна Украина“. Претходно, Обама изјави дека руската агресија против Украина е „закана за светот“. Во меѓувреме, другите лидери го отфрлија тврдењето на Путин дека нема руски сили во источна Украина.