Лидерите ба Г-20 со план за засилување на економскиот раст

Светските лидери на Самитот Г-20 во австралискиот град Бризбејн соопштија дека подготвиле план за зголемување на глобалниот раст за повеќе од два билиони долари до 2018 година, преку поттикнување на инвестиции во инфраструктурата и трговијата. Планот, кој има цел да го поттикне растот до 2,1 отсто, беше објавен од страна на домаќинот на Самитот, австралискиот премиер Тони Абот, кој денеска го претстави завршното коминике. Исто така се планира до 2025 година да се зголеми бројот на вработени жени за 100 милиони со намалување на пречките за учество на жените во работната сила. Г-20 исто така сака да ги намали трошоците за испраќање пари од печалбарите во нивните матични земји, се наведува во коминикето. Дознаките се сметаат како клучна поддршка за милиони семејства во земјите во развој. Разговорите за економијата во голема мера беа засенети од бројните меѓународни критики кон рускиот претседател Владимир Путин поради руската улога во кризата во источна Украина.