Голем антируски митинг во Тбилиси

Илустрација: Архивска фотографија.

Повеќе од 30 илјади приврзаници на опозицијата се собраа на денешниот протест во главниот град на Грузија, Тбилиси, против руската владина политика и поддршката од Кремљ за сепаратистичките региони Абхазија и Јужна Осетија. Со украински и грузиски знамиња и постери на кои пишува „Стоп за Путин“, демонстрантите излегоа на улиците на повик на партијата Обединето национално движење на поранешниот претседател Михаел Саакашвили, кој им се обрати на насобраните преку видео врска од Киев, додека луѓето го скандираа неговото име. Неговата партија ја обвини грузиската влада дека не се спротивставува на, како што велат, притаената руска анексија на Абхазија и Јужна Осетија. Двата региони со поддршка на Кремљ се отцепија од Грузија по граѓанската војна во 1990-тите која уследи по распадот на СССР. Москва официјално ја призна нивната независност по петдневната војна со Грузија во август 2008 година.