Авганистанскиот претседател во посета на Пакистан

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска во Исламабад се сретна со пакистанскиот премиер Наваз Шариф.

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска во Исламабад се сретна со пакистанскиот премиер Наваз Шариф. Шефот на пакистанската влада по разговорите рече дека Пакистан и Авганистан решиле да формираат „силно економско партнерство“ со зголемување на трговијата и инвестициите и подобрување на инфраструктурата. Пакистански претставници соопштија дека разговорите меѓу двајцата лидери биле сеопфатни. Гани вчера се сретна и со претседателот Мамнун Хусаин и неколкумина негови советници, како и со пакистанскиот министер за финансии Ишак Дар. Гани и Шариф разговарале и за безбедносни прашања, меѓу кои и заеднички обуки за безбедносните сили и граничната полиција. Ова е прва посета на Гани на Пакистан откако ја презеде функцијата пред два месеци. Авганистанскиот претседател вчера го посети генералштабот на пакистанската армија во Равалпинди и се сретна со началникот, генерал Рахил Шариф.