Руската православна црква ја поддржува Србија за Косово

Патријархот Кирил во посета на црквата Св. Архангел Михаил во Белград.

Поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, денеска пристигна во тридневна посета на Белград и вети поддршка за, како што рече, српскиот став за Косово. На аеродромот во Белград, тој беше пречекан од стотици луѓе, меѓу кои и српскиот патријарх Иринеј и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ. Рускиот патријарх доаѓа во Србија, која има долгогодишни верски и културни врски со доминантно словенската и православна Русија, во истиот ден кога Србија е домаќин на заеднички воени вежби со руски падобранци. Патријархот Кирил ги посети црквата Св. Архангел Михаил и Универзитетот во Белград. По примањето на почесниот докторат, тој вети дека Руската православна црква ќе продолжи да ја поддржува Србија во однос на Косово.

„Ја поздравуваме храброста на оние Срби, кои и покрај заканите за нивната егзистенција, не ја напуштија земјата на нивните предци“, рече тој.

Патријархот Кирил утре треба да го освети споменикот на последниот руски цар и да ги посети руските гробишта во Белград.