Русија: тешко до договор со Иран до крајниот рок

Русија соопшти дека меѓународниот договор за ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на санкциите можеби нема да биде постигнат до крајниот рок – 24 ноември.
„Не е исклучено дека можеби ќе треба повеќе време за наоѓање взаемно прифатлив компромис“, изјави денеска портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Александар Лукашевич.
Тој рече дека преговарачите од Иран и од шесте светски сили, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, имаат „политичка волја“ да постигнат договор до крајниот рок што сами си го поставија, но оти има останато проблеми кои не се лесни за решавање.
Шесте светски сили сакаат да се осигураат дека Техеран никогаш нема да развие нуклеарно оружје, додека Иран сака укинување на болните економски санкции воведени од Советот за безбедност на ОН и западните земји. Иран тврди дека нуклеарната програма има за цел производство на струја и други мирнодопски цели, а не производство на атомска бомба.