ММФ - економијата ќе расте, но треба и да се штеди

p

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд која во изминатите две недели престојуваше во земјава, денеска препорача земјава да штеди и даде признание за економскиот раст. Според ММФ, Македонија ќе ја заврши годината со раст околу 3,5 проценти, а ќе расте и следната година.

„Прво, ако приходите се остварат подобро од проектираното во буџетот тие треба да се заштедат за подобрување на фискалната рамнотежа наместо да се потрошат. Второ, ако потфрлат приходите, треба да постои резервен план со кој ќе се утврди редоследот во приоритетите во намалување на трошоците. Трето, во периодот до воспоставување на планираното фискално правило ќе биде важно јавниот долг да се одржи на прифатливо ниво под планираниот праг од 60 проценти од БДП. Овој праг е всушност плафон, а не таргет, што значи дека во нормални услови политиката треба да биде насочена кон одржување на долгот на прифатливо ниво под тоа ниво“, рече шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Ивана Влаткова-Холар, претставувајќи ги трите препораки за Македонија.

Денеска претставници на Мисијата одржаа заедничка прес-конференција со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на НБРМ Димитар Богов. Ставрески вели дека македонската економија во првите девет месеци оствари солиден економски раст кој покажува дека здраво се поставени политиките кои го овозможуваат тој раст.