Адеми: Владата ќе одлучи дали ќе обезбеди нафта за греење за кичевските училишта

Училиштата во општина Кичево во кои нема греење веројатно ќе добијат нафта од Дирекцијата за нафта и нафтени резерви, за што треба да биде одлучено во Владата, соопшти министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. Се работи за „Кузман Јосифоски-Питу“ и „Владимир Полежиноски“ со околу 1200 ученици кои имаат блокирани сметки и не можат да набават нафта за греење. Нивните побарувања се околу 450 тони нафта, а од Дирекцијата би им обезбедиле меѓу 200 и 250 тони.

Адеми на прес-конференција нагласи дека Кичево ќе биде исклучок во таквата евентуална интервенција на државата, односно централната власт, затоа што е новоформирана општина согласно со Законот за територијална организација и ги наследила долговите на петте припоени општини. Доколку Владата одлучи отстапување нафта за Општина Кичево, тоа ќе биде привремено решение, а за трајно решение на проблемот, рече Адеми, општината ќе треба да подготви добар план за рационализација и да обезбеди услови за следната година проблемот да не се повтори. Според него, ако на ваков начин се реши проблемот во Кичево, тоа нема да биде пример за другите општини кои имаат исти проблеми, туку тие мора сами да ги решат со планирање на буџетите зашто добиваат блок-дотации.