Перуанскиот претседател во посета на Русија

Перуанскиот претседател Оланта Хумала.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека соработката со Перу може да ѝ помогне на Москва да се „вклучи“ во „интересни и ветувачки процеси во Латинска Америка“. Путин ова го рече на средбата со перуанскиот претседател Оланта Хумала, кој е првиот перуански лидер кој бил во официјална посета на Русија. Хумала рече дека за време на посетата ќе бидат потпишани 10 билатерални договори. Советникот во Кремљ, Јуриј Ушаков, претходно изјави дека двајцата претседатели ќе разговараат за енергетски прашања, вклучувајќи ја и можноста за изградба на нуклеарна централа во Перу. Тој рече дека руската државна нуклеарна корпорација Росатом е „подготвена да помогне“. Путин се обидува да ги зајакне односите со Латинска Америка во својот трет мандат. Москва на тој регион гледа како на извор на прехранбени производи, откако забрани увоз на многу стоки од САД и од ЕУ, поради санкциите што Западот ги воведе против Русија поради кризата во Украина.