НАТО - Изборите во источна Украина во спротивност на мировниот план

Командантот на силите на НАТО, американскиот воздухопловен генерал Филип Бридлав, изјави дека изборите што ги одржаа проруските сепаратисти во источна Украина не се во согласност со мировниот план од 5 септември и оти нема да ја подобрат состојбата. Зборувајќи на денешната прес-конференција во Пентагон, Бридлав рече дека Русија продолжува да ги снабдува сепаратистите во Украина и процени дека меѓу 250 и 300 руски војници сè уште оперираат во Украина. Тој рече дека овие сили немаат борбена улога, туку дека главно се вклучени во обука. Бридлав рече дека примирјето договорено од страна на Украина и проруските сепаратисти на 5 септември како дел од мировниот план „е прекин на огнот само во својот назив“. Тој истакна дека линијата на разграничување меѓу украинските владини сили и сепаратистите „стана подефинирана“. Во исто време, рече тој, границата меѓу Русија и Украина стана „целосно порозна“, овозможувајќи непречено движење на проруските сили.