ЕУ го отфрли гласањето на бунтовниците во источна Украина

Европската унија соопшти дека изборите одржани во регионите на источна Украина контролирани од сепаратистите се пречка за мирот и нема да ги признае. Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини оцени дека вчерашните избори во регионите на Доњецк и Луганск биле незаконски и нелегитимни. Од друга страна, руското министерство за надворешни работи соопшти дека ја почитува волјата на народот на југоистокот на Украина. „Избраните претставници добија мандат да ги решат практичните задачи во врска со обновата на нормалниот живот во тие региони“, се наведува во соопштението на руското министерство. Претходно украинскиот претседател Петро Порошенко гласањето го оцени како фарса под закана на тенкови и пушки. Украинската армија вчера јави дека Русија интензивно распоредувала опрема и персонал од Русија во делови на Украина контролирани од проруските сепаратисти.