Русија, Германија, Украина и Франција го поздравија договорот за гасот

Лидерите на Русија, Германија, Украина и Франција го поздравија договорот за снабдување на Украина со руски гас, за време на телефонска конференција, соопшти официјален Кремљ. Од прес сужбата на рускиот претседател Владимир Путин соопштија дека тој зборувал со украинскиот претседател Петро Порошенко, со германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд. Во соопштението се наведува дека договорот потпишан на 30 октомври е важен чекор за натамошната непречена испорака на гас за Европа. Лидерите, исто така зборувале за мировниот договор меѓу Киев и проруските сепаратисти потпишан на 5 септември и ја истакнале потребата да се почитува прекинот на огнот. Русија верува дека воспоставувањето на постојан дијалог меѓу Киев и сепаратистите несомнено ќе помогне за стабилизирање на ситуацијата, стои во соопштението.