Порошенко и Јацењук гласаа во Киев

Украинската државна изборна комисија соопшти дека до пладне на денешните парламентарни избори гласале 20 отсто од регистрираните гласачи. По гласањето во Киев, претседателот Петро Порошенко, чија партија според испитувањата на јавното мислење ќе освои најмогу места во парламентот, рече дека се очекува да се заврши трансферот на моќта кој почна кога промосковски ориентираниот претседател Виктор Јанукович ја напушти позицијата по силните опозициски протести. Тој изрази надеж дека ќе можат да формираат како што рече моќна проевропска, проукраинска и демократска коалиција. Во новиот состав на парламентот се очекува да влезе и новата партија на премиерот Арсениј Јацењук. Тој по гласањето во Киев рече дека владината коалиција треба да се формира колку што е можно побрзо. Инаку околу 36,5 милиони луѓе се регистрирани за гласање, но повеќе од четири милиони се наоѓаат во делови од источен Донецк и Луганск, региони контролирани од проруските сепаратисти кои го забранија гласањето.