Камерон - неприфатливо е барањето на ЕУ за повеќе пари

Британскиот премиер Дејвид Камерон побара итен состанок на министрите за финансии од ЕУ, откако Брисел побара, а неколку држави членки се согласија да дадат повеќе пари за буџетот на ЕУ. Камерон побара ваков состанок за време на денешната средба на лидерите на земјите членки во Брисел на која се дискутираше за економските проблеми во Унијата. Тој рече дека барањето за повеќе пари за заедничкиот буџет е „неприфатливо“. Лидерите на ЕУ побараа од Велика Британија дополнителни 2,1 милијарди евра, што е за 20 проценти повеќе од она што Лондон го издвојува сега, поради тоа што на британската економија ѝ оди подобро од предвидувањата. Придонесот во буџетот на ЕУ зависи од големината на државната економија на секоја земја членка. Холандија, Финска, па дури и Грција и Ирска, кои користат фондови за економски спас од ЕУ, изразија незадоволство од новите пресметки за буџетот на ЕУ.