Еди Рама : Мојот брат не е поврзан со леталото на белградскиот стадион

Албанскиот премиер Еди Рама ги отфрли како сосема неточни тврдењата дека неговиот брат е поврзан со инцидентот со малото беспилотно летало, што леташе над теренот на стадионот на „Партизан“ во Белград,за време на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Албанија и на Србија.

- Ниту мојот брат ниту било кој од оние, вкупно 45 луѓе дојдени од Албанија за натпреварот ,се виновни за она што се случи, рече премиерот Рама во интервју за Си-Ен-Ен.

Според албанскиот премиер ,никој од нив не можело да биде поврзан со леталото, затоа што телевизиските снимки покажуваат дека тоа долетало од надвор, што значи дека не е покренато од стадионот или уште помалку од местото каде беше сместена албанската делегација.

Во интервјуто Рама изрази жалење за она што се случи и ги отфрли обвинувањата кон Албанија, означувајќи ги како „пропаганда“.