ВМРО-ДПМНЕ: Постапката за уставните измени е транспарентна

ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на прес-конференцијата на Рената Дескоска од СДСМ истакнува дека уставните измени се во процедура во која се анализираат сите експертски ставови изнесени во јавната расправа и укажувањата на меѓународните институции и оти ќе биде постапено во согласност со највисоките интереси на граѓаните и државата.

Во однос на обвинувањата за воведување на т.н. меѓународна финансиска зона, ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека она што Владата има намера да направи е да создаде услови за формирање на силен финансиски центар, по примерот на Лондон и Луксембург, кој ќе работи врз основа на највисоките меѓународни стандарди од областа на финансиското право и ратификуваните меѓународните договори за борба против корупцијата, перењето на пари и финансирањето на тероризам.

СДСМ денеска имено побара да прекине постапката за уставни измени и да бидат повлечени предложените уставни амандмани.

Рената Дескоска, претседателка на Комисијата за правда во партијата, изјави дека за измени на Уставот е потребна широка политичка поддршка и оти уставните измени не треба да се носат кога опозицијата не е во Собранието.

Повикувајќи се на Венецијанската комисија, Дескоска рече дека како неквалитетни се оценети речиси сите предложени уставни амандмани и оти дел од нив ја оддалечуваат земјата од европските вредности. Според неа, најсериозната забелешка се однесува на воведувањето на т.н. меѓународна финансиска зона.