Путин во Белград кон средината на неделата

Рускиот претседател Владимир Путин ќе пристигне кон средината на неделата во посета на Белград, трета по ред во изминатите 13 години, пишува белградскиот весник „Политика“, коментирајќи дека оваа посета ќе се одвива под будното око на набљудувачи од целата меѓународна заедница.

Путин пристигнува во Србија на 16 октомври по повод 70-годишнината од ослободувањето на Белград.

„Политика“ нагласува дека Србија е единствената земја-кандидат за членство во ЕУ, која не вовела санкции против Русија поради Украина, а Западот очекува од Белград попрецизно да избере страна, кога станува збор за украинската криза, односно да се откаже од инсистирањето на балансирана позиција.

Брисел, Берлин и Вашингтон официјално нагласуваат дека немаат никаков проблем со посетата на Путин на Белград.