Путин наредил повлекување на руските сили од границата со Украина

Рускиот претседател Владимир Путин им наредил на руските сили да се повлечат од границата со Украина и да се вратат во нивните постојани бази во регионот на Ростов, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков. Тој вели дека 17.600 руски војници ќе се вратат во базите, по, како што рече, „летните вежби за обука“ во близина на украинската граница. До повлекувањето доаѓа во пресрет на Самит на лидерите од Азија и од Европа во Милано на 16 и 17 октомври на кој треба да присуствува и Путин. Се очекува тој во Милано да се сретне со неговиот украински колега Петро Порошенко. НАТО ја обвини Русија дека испратила неколку стотици оклопни возила и воени сили во источна Украина за поддршка на проруските сепаратисти. Русија негира дека има нејзини војници во Украина.