Прва седница за пратенички прашања во новиот состав

Архивска фотографија.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски за 30 октомври ја закажа првата седница за пратенички прашања во новиот парламентарен состав, откако поминаа сто дена од формирањето на последниот владин Кабинет.

Согласно деловничките одредби, за поставување пратенички прашања се свикува посебна седница и тоа последниот четврток во тековниот месец. На седницата задолжително присуствуваат претседателот и членовите на Владата и други носители на јавни функции за кои е најавено дека ќе им се постави прашање.

Пратениците имаат право да постават најмногу по три прашања на премиерот, на член на Владата и на други носители на јавни функции одговорни пред Собранието.

Согласно измените и дополнувањето на Деловникот од 2010 година редоследот на поставување на пратенички прашања го утврдува претседателот на Собранието во договор со координаторите на пратеничките групи, на начин кој ќе обезбеди сооднос два спрема еден во корист на пратениците од пратеничките групи во опозиција и на пратениците во опозиција кои не се организирани во пратеничка група.