Врачена државната награда „11 Октомври“ за 2014 година

Во Собранието на Македонија денеска беше врачена државната награда „11 Октомври“ за животно дело за 2014 година. Во областа на науката и образованието наградата ја добија алергологот и пулмолог проф. д-р Дејан Докиќ и историчарот проф. д-р Зоран Тодоровски, а во областа на културата - музичарот, диригент и педагог Рамадан Шукри, доајенката на македонската народна песна Вања Лазарова и академик Катица Ќулавкова.

Во име на петтемина годинашни добитници на наградата „11 Октомври“ се заблагодари академик Катица Ќулавкова, која истакна дека датумот 11 Октомври 1941 е длабоко и заветно втиснат во македонската национална свест и, како што рече, го одржува свежо сеќавањето на преломниот период од поновата македонска историја, кога се создава современата македонска национална и граѓанска држава и нејзините институции.