Британски медиуми - Турција „се пазари“ за борбата против ИД

Официјална Анкара формално е дел од меѓународната коалиција, предводена од САД, за борба против Исламската држава (ИД), но се уште не се вклучува активно во пресметката со џихадистите, а уште помалку сака да им помогне на Курдите во пограничниот град Кобани, пишуваат британските медиуми, тврдејќи дека Турција „се пазари околу своето учество“.

Според медиумите во Лондон, турските власти им дозволуваат на американските авиони да ја прелетуваат територијата на Турција при бомбардирањата на позициите на џихадистите, но за повеќе од тоа инсистираат на исполнување на дополнителни барања.

Анкара сака сегашната операција на Западот на територијата на Сирија да не се сведе само на напади и уништување на позициите на сунитските исламисти, туку и со продолжување на борбата против „режимот на Асад“, не криејќи дека целта на Турција е соборување на сирискиот претседател од власта.