Ердоган - до последен здив за мировен договор со Курдите

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека до последен здив ќе се бори за склучување мировен договор со турските Курди, и покрај масовните прокурдски протести ширум државата во кои живот загубија најмалку 30 луѓе. Протестите на прокурдските демонстранти кои се спротиставуваат на владината политика во Сирија, предизвикаа стравување дека мировниот процес со курдските бунтовници ќе биде прекинат.

„Ќе ја ризикувам сопствената глава за мировниот процес. Се заложив за него и со ум и срце и ќе продолжам да се борам до последен здив, бидејќи знам дека оваа нација стои зад нас“, нагласи Ердоган во говор во Трабзон.

Тој тврди дека пат позицијата меѓу курдските борци и исламистичките екстремисти во сирискиот град Кобане е употребена како изговор на оние кои сакаат да го нарушат мировниот процес во Турција.

Во меѓувреме има најави дека американски и турски воени претставници ќе се сретнат идната седмица во Анкара, за да ја разгледаат борбата против групата „Исламска држава“.