Утре лабораториски резултати од починатиот Британец

Хотелот во Скопје, каде престојувал починатито Британец.

Во Република Македонија нема друг сомнителен случај со симптоми на ебола. Резултатите од анализата која се прави во Хамбург на примероците од британскиот државјанин кој со симптоми на ебола почина вчера на Инфективната клиника, Министерството за здравство ќе ги добие утре попладне, изјави доктор Јованка Костовска.

Таа рече дека здравствените власти се поблиску до ставот дека голема е веројатноста дека не станува збор за вирусот ебола. Но, нагласи дека најголемата грешка што може да се направи во ваква ситуација е без да се има потврда од лабораторија да се верува дека нема вирус на ебола и да не се преземаат никакви мерки на заштита.

Клиниката за инфективни болести каде беше хоспитализиран пациентот, нагласи таа, функционира непречено и ги обезбедува сите здравствени услуги.

Во хотелот каде престојувал пациентот под карантин се 25 луѓе заедно со пријателот на починатиот. На Инфективната клиника се 10 луѓе, вклучително и медицинската екипа која го транспортирала.