Муслиманските верници го започнаа аџилакот

Околу 1,4 милиони исламски верници го започнаа својот аџилак во Саудиска Арабија. Верници од 160 земји денеска одат од градот Мека во блиската долина Мина, некои пеш, некои со воз, започнувајќи го годишниот аџилак.

Во Мина, верниците ќе се молат и ќе се одморат пред да заминат за планината Арафат каде на 4 октомври ќе кулминираат ритуалите. Аџилакот е еден од петте столбови на исламот и секој верник кој е во можност треба барем еднаш во животот да отиде на аџилак.
Поради зголемената загриженост за тероризам, особено од Исламската држава, како и поради ризиците од болести, како вирусот мерс и еболата, се преземени низа мерки.