Шефовите на дипломатија на Русија и на Северна Кореја на средба во Москва

Министите за надворешни работи на Русија и на Северна Кореја се сретнаа денеска во Москва. Рускиот министер Сергеј Лавров на заедничката прес конференција со министерот Ри Јонг Су изјави дека Москва има планови за проширување на односите со Северна Кореја во разни области. Лавров изјави дека тие ќе разговараат за билатералните односи, економските врски и ситуацијата на Корејскиот Полуостров. Севернокорејскиот министер нотираше дека двете земји имаат долга традиција на односи и, како што рече, тие односи се „врзани со крв“.

Се очекува Ри кој е во десетдневна посета на Русија да дискутира за продолжување на шестпартитните разговори за нуклеарната програма на Северна Кореја. Пјонгјанг ги суспендираше разговорите во 2009 година.