Заврши комисиската расправата по буџетот за 2015

Седница на Собраниската комисија за финансирање и буџет.

Комисијата за финансирање и буџет денеска ја заврши расправата по предложениот буџет за 2015 година. Според предлогот, приходите се проектирани на 163,280 милијарди, расходите на 181,777 милијарди денари и буџетскиот дефицит е 3,5 проценти од БДП.

Најголемо учество на приходната страна се даночните приходи проектирани на 88,955 милијарди денари, при што најголемо е учеството од ДДВ. Социјалните придонеси во 2015 се предвидени на 48.717 милијарди денари.

Развојната компонента на буџетот се капиталните инвестиции за што се предвидени 21.209 милијарди денари.

На расходната страна за тековни расходи се планирани четири проценти повеќе средства во однос на претходната година поради предвиденото зголемување на пензиите, платите, социјалните надоместоци и здравствените услуги.

Растот за следната година е проектиран на четири проценти, што според министерот Ставрески е реален, а, како што рече, може да биде и ревидиран во текот на годината доколку во европската економија има стабилизирање. Инфлацијата ќе остане на ниско ниво до 2 проценти.

Расправата во матичната комисија во Собранието почна на 25-ти овој месец. На предложениот текст беа поднесени девет амандмани од кои беше прифатен еден. Предложениот буџет понатаму ќе оди на расправа на пленарна седница во Собранието.