Иванов од Бан Ки Мун побара поголема ангажираност за спорот со името

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов синоќа во Њујорк на средбата со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун разговарал за спорот со името меѓу Македонија и Грција, и разговорите кои се водат под покровителство на организацијата. Иванов, како што информираат од неговиот кабинет, оценил оти со нелегалните блокади на заслуженото членство на Македонија во НАТО не се создава амбиент на сигурност и стабилност на Балканот и затоа е потребно Советот за безбедност да опстои на безусловно почитување на своите резолуции.

Иванов побарал да се почитува меѓународното право, меѓународните договори и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Иванов потенцирал дека е потребна поголема посветеност и добра волја од Грција, а побарал и поголема ангажираност од Бан Ки Мун за решавање на спорот. На средбата присуствуваа и министерот за надворешни работи Никола Попоски, како и посредникот во разговорите со Грција, Васко Наумовски.