Договорот за глобална трговија со оружје стапува на сила во декември

Договорот со кој се регулира глобалната трговија со оружје, ќе стапи на сила на 24 декември.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, денеска изјави дека повеќе од 50 земји досега го ратификувале договорот. Генералното собрание на ОН со 193 члена го усвои договор во април минатата година, но потребно е договорот да го потпишат 50 земји за да стапи во сила.

Договорот има за цел да постави стандарди за сите прекугранични трансфери на конвенционално оружје, почнувајќи од мало оружје до тенкови и борбени хеликоптери.

Договорот подразбира и обврзувачки барања за државите дека нема да го користат оружјето за кршење на човековите права, тероризам, прекршување на хуманитарното право или организиран криминал.