Иванов на приемот кај Обама

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов синоќа присуствуваше на приемот во Њујорк што американскиот претседател Барак Обама го организира за шефовите на делегациите на Генералното собрание на Обединетите нации. Притоа, Иванов изјави дека во разговорот со Обама, тој ја потврдил поддршката на САД за реализирање на македонските државни приоритети, пред се за членството во НАТО. „Ја искористив и оваа прилика на приемот за краток разговор со Обама, барајќи од него поддршка и помош, пред се за членството на Република Македонија во НАТО. Неговиот одговор беше дека Америка и во иднина продолжува со поддршката и помошта што ја дава за Македонија и оти можеме да сметаме на нивната помош и за она што е за нас најургентно, членството во НАТО“, изјави претседателот Иванов.