САД го поздравија договорот за поделба на власта во Авганистан

Белата Куќа го поздрави потпишувањето на спогодбата за поделба на власта во Авганистан, со што заврши неколкумесечниот период на конфузија околу спорните претседателски избори.

Според договорот, Ашраф Гани ќе биде претседател, а вториот на изборите Абдула Абдула ќе ја пополни новооформената позиција на извршен шеф. Неколку часа по потпишувањето на договорот, државната изборна комисија го прогласи Гани за победник на јунските избори, но одби да ги објави конечните резултати.

Белата Куќа соопшти дека почитувањето на демократскиот процес е единствениот начин за напредување на Авганистан.

Постигнувањето на договорот во оваа земја го поздравија и Советот за безбедност на ОН и НАТО.